Атина под притисок од Вашингтон за решение на името!
И домашните опоненти го обвинуваат Самарас дека е одговорен за "дуење" на прашањето за името и дека сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план
Се зголемуваат притисоците врз Атина за затворање на прашањето за името и прием на Република Македонија во Северноатлантската алијанса на претстојниот самит што ќе се одржи во септември во Велс. Во анализата за изборите во земјава, името и членството во НАТО и во Европската унија грчкиот провладин весник Катимерини" пишува дека надлежните кругови во Вашингтон разговараат за евентуална нова иницијатива за затворање на прашањето за името до септември. Прогнозите на новинарот на Катимерини", Атанасиос Елисон не се за занемарување ако се земат предвид неговите точни информации досега. Во април лани Елисон прв го објави предлогот за името на медијаторот Метју Нимиц (Северна Република Македонија), што е уште една потврда за веродостојноста на неговите брифери од американските центри.
- Во едно сценарио кое потсетува на ангажирањето и притисоците на САД од владата на Буш пред 6 години, што кулминираше со драматично отфрлање на кандидатурата на Скопје од лидерите на НАТО, некои американски официјални лица ја гледаат повторно интеграцијата на Скопје, но и на Црна Гора во Алијансата, како алатка за притисок врз Москва во рамките на конфликтот поради случувањата во Украина. Да се случи она што се случи во 2008 Г., кога Џорџ Буш сакаше да прати негова порака со проширувањето на НАТО со земјите од Западен Балкан. Ова размислување се уште не е усвоено на политичко ниво - пишува грчкиот новинар во анализата.
Обвинувањата на сметка на грчкиот премиер, Андонис Самарас, од македонска страна дека тој вештачки го одржува во живот спорот за името сега на адреса на Самарас пристигаат и од неговите домашни опоненти. Кандидатот за европратеник на грчката опозициска Сириза, Стелиос Кулоглу, изјави дека Самарас е одговорен за дуење" на прашањето за името и дека сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план. Владејачката Нова демократија и Сириза деновиве јавно се контрираат за изјаваТА на Кулоглу во која тој вели дека нашата земја ја нарекува Македонија како и другите луѓе во светот" и оти спорот за името го почна Самарас.
- Она што навистина го изјавив за новинарот од Скопје е дека прашањето за името требаше да се реши на почетокот со заеднички компромис. Исто така, реков дека одговорен за дуење" на прашањето за името е Самарас, кој сакаше да направи политичка кариера со ставање на националните прашања во прв план. Овој став на Самарас доведе до голем дипломатски пораз на Грција во последните години - одговори Кулоглу и нагласи дека Нова демократија не треба да го покренува прашањето за Македонија затоа што во куќата на обесениот не се зборува за јаже".
И Сириза објави реакција во која истакнува дека нападите на Нова демократија се напори за промена на агендата на дискусијата за секојдневните проблеми на граѓаните и прикривање на договорот за нови мерки и нов меморандум кој го договориле Владата и тројката"".
Според опозициската партија, паниката на Самарас е очигледна и тој со евтини лаги и одвлекување на вниманието се обидува да спаси што може, но останува неубедлив во тоа.